Според многу истражувања, јасно е дека во првите 6 месеци во животот на новороденчето доењето е идеално. Целосното доење може да го намали ризикот од дебелеење и покачена телесна маса, дијабетес тип 1, како и астма, што не е случај со децата што не биле доени.
Тоа што му го давате на детето во првите 1.000 дена од неговиот живот е навистина важно, бидејќи тоа влијае врз идното здравје, како и во обликување на вкусовите на детето. Таа храна треба да биде богата со цинк и железо (месо, јајца, житарици), како и да се користат различни видови овошје и зеленчук (особено на оние со калиум, витамин А и витамин Ц) во периодот помеѓу 6 и 10 месеци. Не започнувајте со цврста храна пред детето да наполни 4 месеци.
Додавање на шеќер во исхраната на децата до 2 годишна возраст треба да биде сведено на минимум . Тоа особено важи за засладените сокови, кои треба да се избегнуваат во првите две години од животот на децата. Некои истражувања покажуваат дека и додадениот шеќер претставува поголем ризик за зголемена телесна тежина кај децата.
Започнувањето со консумација на кикиритки и јајца во првата година од животот може да го намали ризикот од јавување на алергии од оваа храна. Иако доказите не се доволно силни дека раната консумација на риба и соја, на пример, може да го стори истото во однос на алергиите, сепак, нема причина тие да се избегнуваат, со надеж дека тој потег ќе биде превенција за појавата на алергии. Секако, можете да разговарате со педијатар за да се консултирате.
Начинот на кој се хранат децата и бебињата е многу важен. Треба да се применува „респонзивното“ хранење, односно треба да се препознаваат знаците кои детето ги дава за да знаете дали е гладно или сито. Со тоа ќе се воведе ред во исхраната, а се советува и да не се предавате доколку детето одбива одредени видови храна, па бидете конзистентни, особено во врска со овошјето и зеленчукот.