
Нешто многу интересно и ново во македонскиот телевизиски етер е квизот за деца КВИСКО, а ние по тој повод разговараме со водителот на квизот Мартин Јорданоски, наш познат актер, од кого ќе дознаеме нешто повеќе за овој проект и ќе се запознаеме со неговата содржина.
Што е КВИСКО?
Мартин Јорданоски: Едноставно речено “Квиско” е квиз за деца, но тој е многу повеќе од тоа, бидејќи е добро организиран голем проект и адаптиран за деца на возраст од 4, 5 и 6 одделение. Квиско би рекол дека е пред сè забава, дружење, а потоа натпревар на концентрација, меморија, логично поврзување, асоцијација и тимска работа, она што најмногу им недостасува на денешните деца.
Дали “Квиско” е тест на знаење?
Мартин Јорданоски: Секако дека е, но не на начин како што повеќето и од учесниците замислуваат и нè прашуваат. Квизот за деца “Квиско” не е поврзан со прашања од наставните предмети што се изучуваат во училиштата, така што нема потреба од никакво дополнително учење или подготовка. Тој е така замислен да пред сè биде забава , а преку забава нели најдобро се учи. Целта е да поттикне и развие други вештини кај децата како концентрација, рамнотежа, координација, брзина, меморија, …. така што останува да им порачам на сите учесници дека нема да има никакво испрашување (се смее)

Какви се правила во игрите?
Мартин Јорданоски: Па, во секоја епизода од квизот се натпреваруваат по два тима кои се составени од по три играчи. Тие цело време функционираат како тим и заеднички донесуваат одлуки за одговорите на поставените прашања. „Квиско“ е составен од пет игри, во кои тимовите може да освојат различен број на поени. Ние веќе ги направивме видеата за правилата за игрите, а истите ќе може и да ги погледнете.(правилата за секоја игра во Квиско се најдолу во текстот)
Започнуваме со шеснаесет финале во секоја група, а потоа победникот од секоја епизода се пласира во осмина финалето и така натаму до финале.
Кога ќе започне да се емитува?
Мартин Јорданоски: Квизот за деца “Квиско” ќе се емитува на Македонската телевизија. По период на интензивни подготовки сите сме подготвени и со голем ентузијазам и радост започнавме со снимањето. Во план е да започне со емитување на крајот на март или почетокот на април оваа година. За децата учесници ова ќе биде единствено и незаборавно искуство, кое долго ќе им остане во сеќавање. Единствено што може да Ви ветиме е добра забава и интересно поминато време не само за натпреварувачите, туку и за сите гледачи пред екраните. И како што вели нашиот слоган “Сè се врти, сè се менува, само знаењето останува” , се гледаме наскоро…

Ваков тип на телевизиска програма недостасуваше во Македонија, а секако дека децата со радост очекуваат нешто ново, едукативно, интерактивна и забавна програма наменета токму за нив. Сите потребни и подетални информации може да ги добиете на фејсбук профилот нa Квиско – квиз за деца

Правила за секоја игра во КВИСКО
Првата игра се вика „Орбита”, во која натпреварувачите од еден тим се распоредуваат еден спроти друг формирајќи триаголник.. На тимот му се доделува топка. Kога ќе го добијат прашањето треба редоследно да oдговараат, а по секој точен одговор топката треба да се додаде на другиот член на тимот во правец на стрелките на часовникот. Играта се прекинува: по истекот на 30 секунди, ако натпреварувачот неправилно ја додаде топката или таа падне или доколку некој каже погрешен збор. Тимот со повеќе точни одговори добива 5 поени. Прашањата се од типот “ Набројте што повеќе зборови на буквата „Д”, а истите да не се лични имиња на луѓе или имиња на животни?”, потоа редоследно секој од тимот одговара, а како тимовите одат понатаму прашањата стануваат уште поинтересни…
Втората игра е “Необични Приказни” во која тимовите гледаат три необични приказни кои треба внимателно да ги слушнат и запомнат главните поими . Потоа следат прашања на кои треба да дадат точен одговор. Секој тим добива по 6 прашања, а за секој точен одговор добива 2 поени. Доколку не одговори точно, шанса да одговори добива вториот тим и можност да освои 1 поен.
Третата е “Таен Збор” во која се зададени четири букви по измешан редослед, кои го кријат нашиот таен збор. Задача на тимовите е да го откријат. Секој тим има 10 секунди да го пронајде тајниот збор и со тоа да освои 2 поени. Доколку по истекот на 10те секунди тимот не даде одговор, добива помош со откривање на првата буква и има втора шанса и нови 10 секунди да го погоди зборот и со тоа да освои 1 поен. Со даден погрешен одговор тимот нема втора шанса. Во тој случај можност добива вториот тим со точен одговор да освои 1 поен.
Четвртата е пак играта наречена “Пирамида” која потсетува на играта асоцијации како кај квизовите за возрасни, но секако адаптирана за најмалите. Во неа секој тим има своја пирамида од асоцијации составена од три столба со по три полиња. Редоследно отвораме по едно поле, а над секое постои една скриена асоцијација. Целта на играта е за 20 секунди натпреварувачите да набројат што повеќе зборови кои асоцираат на тоа што е скриено во наредното поле. За секој откриен збор од асоцијацијата тимот добива по 2 поени . Така ги отвара сите три столба. По отворањето на трите столба тимот има нова задача, да одговори на главното прашање и да го најде конечното решение. Има 20 секунди и една шанса, со можност да освои 4 поени. Доколку тимот не даде точен одговор, шанса добива вториот тим и можност да освои 2 поени
Петтата и последна игра се вика “”Бројчаник” и е игра на меморија и брзина во која пред тимовите се наоѓаат коцки со броевите 0 – 9. Секој од тимовите одбира еден свој член, кој ќе се натпреварува во оваа игра. Кога ќе ги слушнат и видат зададените бројки , натпреварувачите треба да ги запомнат и на даден знак по истиот редослед да ги наредат броевите на коцките пред себе во вид на кула. Победник во оваа игра е оној кој прв и по правилен редослед ќе ги нареди коцките, а со тоа на својот тим ќе му донесе 5 поени. Времето предвидено за оваа игра е 30 секунди.