Исхрана

Верувајте на детската интуиција при нивната исхрана

Малите деца, секој ден, сакаат да станат понезависни. Оваа независност се манифестира во сите аспекти од нивниот живот, од желбата сами да се облекуваат, самите да прават проекти и да изберат што сакаат да јадат и кога сакаат.

Иако времето што го избираат малите не е најсоодветно, преку интуитивно јадење тие слушаат што сака нивното тело, нешто што повеќето возрасни луѓе заборавиле да го направат. А со оглед на тоа што многу возрасни имаат лош однос кон храната, време е да се прекине циклусот и да им се верува на најмалите кога станува збор за нивниот нагон за јадење.

Кога на малите им е дозволено да јадат интуитивно, тие растат со поздрав однос кон храната. Дознајте што точно значи тоа.

Интуитивната исхрана значи да го слушате вашето тело бидејќи тоа само ќе ви каже кога и што сака да јаде.

Телото ќе одлучи да јаде повеќе овошје и зеленчук бидејќи во тој момент природно го посакува. Сепак, сето ова може да се промени кога возрасните ќе почнат да ги одредуваат начинот и времето на хранење.

Еве неколку причини да им верувате на детските инстинкти за храна.

1. Малите деца знаат кога се гладни

Малите деца само учат да ги прикачуваат емоциите на храната. Тие ќе јадат кога ќе почувствуваат дека на нивното тело му треба гориво. Децата на кои редовно им се нуди разновидна храна учат да јадат разновидна и балансирана храна. Времето кога малите деца се гладни можеби не секогаш се совпаѓа со времето на оброците. Иако ова може да ве фрустрира затоа што треба да подготвувате оброци повеќе пати на ден, не присилувајте ги да јадат ако не се гладни.

2. Малите деца знаат колку храна им е доволна

Кога малите деца ќе јадат без оглед дали е помала и поголема количина на храна и ќе речат дека се сити, тоа е вистина. Бидејќи малите деца го слушаат своето тело, знаат кога се гладни, а кога не. Некогаш ќе јадат помалку, некогаш повеќе, но ќе го слушаат својот природен ритам на исхрана. Ако им се дозволи да ги следат своите инстинкти, малите деца ќе имаат здрав однос кон храната и ќе престанат да јадат кога ќе бидат сити. Никогаш не присилувајте ги децата да јадат сè што е во чинијата.

3. Малите деца не ја делат храната на „добра“ или „лоша“

Малите деца ја гледаат храната како начин да спречат стомачни тегоби и да им даде енергија за извршување различни активности. Тие не ја делат храната на „добра“ или „лоша“. Некои намирници едноставно ги обожаваат, додека за други не сакаат ни да слушнат.

Храната нема и не треба да има „морална вредност“. Ако ги учите децата на умереност уште од мали нозе, помала е веројатноста да развијат нездрав однос кон храната во иднина.

4. Присилувањето да јадат нешто што не им се допаѓа е контрапродуктивно

Иако е важно децата да се запознаат со разновидна храна, тие никогаш не треба да бидат принудени да јадат нешто што не им се допаѓа. Така тоа што го нудите ќе им стане уште поодбивно, а може негативно да се одрази и врз другите намирници.

Колку подолго јадат под притисок, толку ќе бидат попребирливи.

5. Не терајте ги да ја изедат цела чинија

Кога телото ќе препознае дека е сито, а вие го принудувате да јаде повеќе храна, постои ризик од прејадување. Прејадувањето, пак, може да доведе до дебелеење, но подоцна може да предизвика и анорексија. Анорексијата се јавува како резултат на обидот да ја контролираат нивната исхрана откако со години им кажувале што да јадат.

Затоа, иако може да изгледа дека децата не добиваат доволно храна, тие всушност само слушаат што им кажува нивното тело. Ако им дозволувате да јадат кога се гладни, тие ќе растат без негативна врска со храната.

Тагови