Вакцинацијата на деца не е приоритет според Светската здравствена организација, иако сè поголем број богати земји одобруваат вакцини против ковид-19 за тинејџери и деца.
Експертот на СЗО за вакцинација д-р Кејт О’Брајан вели дека вакцинацијата на децата, кои обично не се изложени на ризик да се разболат сериозно или да починат од ковид-19, главно има за цел да го запре пренесувањето, наместо заштита од болеста. Со оглед на исклучително ограниченото глобално снабдување со вакцини, имунизација на деца и адолесценти не треба да е приоритет, ниту е потребно да се вакцинираат децата пред да се испратат на училиште ако возрасните кои се во контакт со нив биле имунизирани, објаснува О’Брајан.
Канада, САД и Европската Унија во изминатиот период одобрија вакцинација против ковид за деца од 12 до 15 години, а дел од државите веќе и почнаа со вакцинирање на оваа возрасна група.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, претходно ги повика богатите земји да им ги донираат своите вакцини на сиромашните, наместо да ги имунизираат своите адолесценти и деца.
И здравствените власти во земјава најавија дека се размислува околу можноста за вакцинација на деца над 12 години пред почетокот на идната учебна година, за да може да се вратат учениците на целосна настава со физичко присуство.