На децата им треба секојдневно дружење со пријатели и други деца за нивниот целокупен, физички и ментален развој. Поминување време со другарчињата во игра и забава е потребно за децата да стекнат комуникациски вештини и да не се чувствуваат осамено и несреќно.
Детето кое е изолирано во просторија, односно има малку контакт со родителите или врсниците во текот на денот, и поголемиот дел од своето време го поминува на компјутер, на крај може да развие сериозни ментални проблеми.
Срамежливоста на детето може да биде пречка во воспоставувањето на нови контакти во неговата околина и ова е една вештина што детето мора да ја развива во текот на својот живот. Срамежливото дете треба да се охрабри и да му се покаже дека запознавањето нови пријатели во парк, градинка или училиште не претставува никаков проблем.
Доколку детето е осамено, родителите не треба да инсистираат на избор на нови пријатели, туку треба да им дадат што повеќе можности на децата да ги најдат своите истомисленици или деца со кои се чувствуваат пријатно. Првенствено, ова може да биде посета на роднини, дружење со деца на слична возраст, каде што во позната средина, децата можат да се запознаат едни со други и опуштено да започнат да си играат. Посетата на работилници за деца, запишување во спортски или музички активности, одењето на театарски претстави кои ги вклучуваат децата во самата игра се вистински можности за срамежливото дете да стапи во контакт со своите врсници и полека да ги совлада основите на запознавање и комуникаија.
Бројот на пријатели и дневни контакти со други луѓе во голема мера може да зависат од самиот карактер на детето. Во зависност од типот на детето, едно или две другарчиња се сосема доволни за детето да може да си игра слободно и опуштено, но доколку детето го поминува слободното време со книга не мора да биде лош знак или показател за осамено дете.
Со текот на времето, детето ќе ги развие вештините потребни за прифаќање и создавање нови пријателства. Меѓутоа, во случај детето да не ги научи овие вештини, постои голема веројатност дека таквата личност нема да може да развие односи со странци во подоцнежниот живот.