Педијатарот Харви Карп, автор на книгата „Најсреќното бебе во соседството“, ги поттикнува мајките првиот месец да се обидат на своето новороденче да му го реплицираат опкружувањето од матката, за тоа со помалку стрес да се приспособи на новите услови за живот. За таа цел, предлага пет техники кои се лесно применливи, а најефективни се ако истовремено ги практикувате.
Повивање
Повивањето ја задоволува потребата на бебето за сигурност што ја имало во матката. Повивањето, исто така, ги контролира рефлексните движења кои може да предизвикаат будење и плачење. Повивањето на бебето ноќе помага за подобар сон, но внимавајте да не му биде претопло.
Странична или стомачна положба
Ако детето е нервозно, а вие се обидувате да го легнете на грб, тоа ќе доживее чувство како да паѓа, па може да почне да плаче. Бебето се смирува ако го ставите во странична положба или на стомак, но никако притоа не оставајте го без надзор. Страничната или стомачна положба служи само за смирување на бебето, а идеално е да го ставите бебето врз себе додека сте во лежечка положба.
Гласот „шшшш“ смирува
Гласно, остро „шшшш“ е музика за бебешките уши. Овој звук го имитира шуштењето на вашиот крвоток што бебето го слушало во матката. Исто така, тоа е и причината поради која белата врева го смирува новороденчето.
Нишање
Новороденчињата се како морнари кои по 9 месеци пловење пристигнале на копно. Лежењето во креветче кое не се движи може да ги избезуми. Ритмичното движење има речиси хипнотично влијание врз нив. Нишањето и возењето со автомобил може да го смируваат. Носењето во марама додека извршувате секојдневни задачи не е лоша варијанта за смирување.
Цицање
Понудете му на своето бебе брадавица, шишенце или цуцла. Цицањето ги ослободува „смирувачките“ хормони во бебешкиот мозок.