Просечно дете на возраст од три до пет години поставува 100 прашања на ден. Повеќето од прашањата се вообичаени за нивната возраст и лесно можат да се најдат одговори, но некои прашања се навистина изненадувачки за самите родители, па тие се збунети и не знаат што да одговорат.
Еве неколку најчесто поставувани прашања, на кои не е лесно да се даде одговор:
Зошто луѓето умираат и што се случува кога луѓето умираат?
Ова е многу тешко прашање, на кое не е лесно да се даде добар одговор, што секако ќе биде соодветно за таа возраст. Смртта генерално е тешка тема за возрасните, поради тагата што ја предизвикува, па затоа не е лесно да му се објасни на детето. Во секој случај, вашето дете ќе ви го постави ова прашање во одреден момент, па затоа препорачливо е да се подготвите на време и да одговорите на прашањето на потполно мирен начин.
За почеток, никогаш немојте да ги лажете децата и да измислувате приказни кои би ја разубавеле реалноста, бидејќи детето во одреден момент ќе се сретне со реалноста и само ќе се разочара од лагите што му биле кажани. Една од најлошите лаги е дека некој што починал само спие, бидејќи токму заради таа лага детето може да се плаши да заспие затоа што ќе помисли дека никогаш повеќе нема да се разбуди.
Затоа бидете искрени и кажете дека човековото тело старее, а потоа веќе не може да функционира, па во тие моменти човек оди на некое поубаво место каде што и понатаму ќе биде среќен. Дозволете му на детето да жали за загубата на некој близок, но научете го дека тоа е нормално и дека ќе се случи и со други блиски.
Како настануваат бебињата во матката?
Не одложувајте да одговорите на ова прашање додека детето не порасне. Детето никогаш не е премало за големи одговори, прашањето е само како родителите ќе му ги дадат потребните одговори за да ја задоволат неговата љубопитност и незнаење.
Кажете му на детето дека кога две лица се сакаат (мама и тато) од љубов и многу бакнување и галење во стомакот на мама, почнува да расти бебе.
Зошто девојчињата имаат различен полов орган од машките?
Ова е прашање што секое дете ќе го постави и е сосема нормално. Обидете се да му дадете најдобар одговор на вашето дете, така што тоа ќе ги разбере разликите и зошто се тие присутни. Важно е детето да не се почувствува засрамено, бидејќи тоа не е срамна тема. Слободно кажете му на детето дека мажите и жените се различни и дека тоа е органот на телото според кој тие се разликуваат.
Објаснете му на детето дека сите се разликуваме едни од други на некој начин, некои според бојата на очите, некои според бојата на косата и сл., но, дека половите органи се единствените органи по кои се разликува кој е машко, а кој е женско.
Прашањата на децата не се толку комплицирани, важно е само како и на кој начин вие како родители ќе одговорите. Од голема важност за развојот на детето е да одговорите на сите прашања кои ги поставуваат.
И секогаш ќе има секакви прашања, на некои од нив ќе се смеете до солзи, на некои од нив ќе плачете од така, на некои ќе останете без текст итн. Но, секогаш, секогаш давајте им одговори.