Совети

Неопходни работи кои треба да ги набавите за вашето доенче

Непроценливо емоционално искуство кое трае цел живот е моментот кога за прв пат ќе го видите лицето на вашето бебе, кое најдобро ќе го запознаете при првата ваша блиска средба. Доаѓањето на бебето во семејството е една од најсреќните прилики во животот, но исто така знаеме и дека по враќање дома од породилно одделение, доаѓа до големи промени во стилот и начинот на живот. Целосно се менува ритамот на живот и се приспособува кон потребите на вашето дете, особено во првите денови и месеци од животот на новороденчето.

Што треба да знаат сите идни мајки при враќање од породилно одделение?
Ние ви подготвивме список на работи кои треба да ги набавите за вашето доенче пред да се вратите дома од породилното одделение, бидејќи кога ќе имате се при рака, особено во првите денови, прилагодувањето ќе биде многу поудобно и за вас и за вашето бебе.

Вашето прво патување од породилното одделение до дома

Во зависност од тоа во кое годишно време би бил вашиот пораѓај, треба да испланирате што ќе носи вашето бебе при напуштање на болницата. Тука станува збор за потопли или полесни боди кои се прицврстуваат однапред и под пелената за да може полесно да се облече и собече бебето. Детето треба да има капа и меки и топли чорапчиња доколку времето надвор е со пониска температура.

Излегувањето од породилното одделение ќе биде првото “патување” на бебето од болницата до куќата. Затоа е потребно да се набави соодветно седиште, кое може да биде и транспортер воедно, во кое бебето ќе биде безбедно и добро поставено кога ќе “патува” до својот дом.За време на возењето во автомобил нема потреба од дебела облека. Најдобро е да го ставите бебето во седиштето и да го покриете со меко детско ќебенце до рамената.

Облека за новороденчиња

Бидејќи бебињата растат брзо, не мора да купувате премногу облека, едноставно е многу важно облеката да е направена од квалитетен материјал, која ќе биде удобна и пријатна за бебето.

Бидејќи новороденчето не се движи, не е важно доколку купите облека со поголема величина, затоа што за неколку дена ќе биде соодветна, а вас ќе ви биде од поголема полза затоа што ќе можете полесно да го облечете бебето ако облеката е поголема.

Од облека ви требаат 3 до 5 едноделни пижами за детето да не се открие додека спие, потоа неколку боди со долги и кратки ракави, пријатни панталони и неколку комбинезони. Ќе имате потреба од меко ќебенце и торба за пешачење, јакна и 2 до 3 покривки за заштита од ветер и студ.

Опремување на домот за доаѓањето на вашето бебе

За почеток, би било добро да се договорите со брачниот другар за просторијата што ќе биде детска соба, секако доколку сте во можност.

Кога децата се помали, тие ќе ја бараат вашата близина и сигурно ќе бидат со вас некое време, но не би било лошо да има просторија во која ќе бидат сместени сите работи на бебето, гардероба и фотелја или место каде што ќе можете да го доите детето во мир.

Она што дефинитивно ќе ви биде потребно од поголемите работи за собата се креветче со ограда и квалитетен душек, постелнина за креветчето, украсни перници за да го заштитите вашето дете од можни несакани удари на работ од креветчето како и подлога за менување на пелени која може да ја поставите во собата или во бањата. Набавете водоотпорни чаршави и две меки волнени ќебиња.

Бања во ново руво

Исто како и повеќето мали деца, сигурно и вашето дете ќе ужива во капење. Она што во секој случај ќе ви биде потребно е корито за капење. Денес има анатомски продолжетоци за коритото на кое можете да го поставите детето и да го олесните капењето. Дефинитивно ќе ви требаат препарати за капење и стапчиња за уши направени само за мали деца. Ќе ви требаат и неколку крпи, по можност со капа за да може целосно да го завиткате вашето бебе по капењето.

По ваша желба може да купите и мал термометар за када со цел да организирате оптимална температура за капење на бебето, неколку нежни сунѓерчиња, неколку играчки за вода и термометар за мали деца.

Доење и хранење на вашето бебе

Дали знаевте дека мирисот на главата на бебето го зголемува лачењето на окситоцин, што има големо влијание на доењето. За доење потребни ви се градници, малку поширока облека или маици со копчиња за полесно да доите, исто така потребна ви е перница што ќе го олесни процесот при доење и млечни влошки кои апсорбираат млеко.

Потребни ви се и неколку шишиња за складирање млеко, пумпа за подмолзување, неколку цуцли, околу 6 шишиња за хранење, греач за вода и стерилизатор за да не мора да ги варите постојано.

Какви пелени да се купат?

Многу е важно да се одберат соодветни пелени, бидејќи вашето бебе има исклучително деликатна кожа и постојано е во пелени. Најчесто мајките имаат најголема доверба во другите мајки, па затоа најдобро е да им верувате на тие кои веќе пробале неколку вида пелени. Пелените треба да имаат апсорбирачка моќ за да се заштити кожата на бебето.
Со внимателен избор на пелените ќе ви треба и крем за подмачкување за да ја заштитите и негувате нежната кожа на вашето бебе. Исто така добро е да имате корпа за чување на пелени, влажни марамици која ќе ви биде при рака секој пат при промена на пелени.

Прва прошетка со вашето бебе

Новороденчињата може да ги изнесете на својата прва прошетка на воздух, под услов временските услови да не бидат екстремни, што значи дека надвор не е екстремно топло или екстремно ладно и секако бебето да е соодветно облечено. За прошетка на бебето ви е потребна количка.

Денес, понудата е навистина исклучително голема, од колички со корпи што можат да се извадат и да се носат, се до колички со спортски тркала за родителите кои се занимаваат со трчање додека шетаат со своето бебе.

Секако е добра идеја да купите количка што е подобро опремена, односно количка што може лесно да се преклопи кога се става во автомобил или лифт, така што носачот може да биде и безбедно седиште за автомобил.

Уште неколку важни детали кои можеби ќе ви требаат во грижата за бебето

Малите нокти на бебињата може да бидат многу остри, па затоа треба да се исечат кога ќе растат за бебето да не си го гребе лицето кога ќе мафта со рацете. Затоа набавете ноктарче за нокти.

Исто така ќе ви треба прашок за заздравување на раните, особено додека вашето бебе се уште има папочна врвца, како и стерилна газа и облоги.

Најубави се првите денови  помеѓу новороденчето и родителите, затоа уживајте во секој момент!

 

 

Тагови

Поврзани вести