Почетокот на училиште како и учењето е многу важна фаза во животот на секое дете. Учењето мора да се прифати и практикува секојдневно за успешно завршување на школската година.
Некои деца практикуваат секојдневно посветено учење, додека други одвај чекаат да завршат училишните денови, бидејќи имаат проблем со концентрацијата и тешко можат да го постигнат посакуваниот успех.
Честопати се случува учениците да имаат трема, па не успеваат пред наставникот да покажат што имаат научено. Овие ученици имаат проблем со слаба концентрација кога одговараат бидејќи мислите не им се насочени кон тоа што го прават.
Во моментите кога децата се соочуваат со проблеми при концентрација многу е важно да успеат да најдат добра мотивација, нешто што ќе го натера детето да сака да научи. Од голема помош би било кога детето на лист хартија ќе запише што добива со учењето, па така и мотивацијата за учење може да се зголеми. Не е препорачливо детето да гледа песимистички и да се плаши од негативни последици, затоа што секоја личност може да направи се, и тоа треба да го има на ум. Кога целта ќе биде постигната детето ќе се чувствува задоволно од само себе и ќе продолжи со позитивното однесување кон училишните обврски.
Навиката за учење се стекнува постепено. По секои 20 минути учење, детето треба да направи мала пауза за да се одмори. По паузата следи повторно учење. По извесно време детето нема да има проблем да седи и да учи. Но сепак најважна е мотивацијата, детето мора да знае која е целта зошто учи и што сака да постигне со учењето.
Поедноставна метода на учење е да се потенцираат важните факти, односно да се забележи она што е важно за учење. Кога детето постепено ќе се навикне на учењето, тоа ќе стане нормално за него и нема да има никаква пречка при извршување на одредена задача. Исто така детето ќе се чувствува убаво, учењето ќе му претставува задоволство, а мозокот ќе му бара внес на нови информации.
Мотивацијата кај детето може да се зајакне со добивање на мала награда или пофалба по успешно завршената задача. На овој начин, детето ќе биде дополнително поттикнато и охрабрено.
Просторот за учење треба да биде тивко место кое не треба да се менува. Учењето секогаш треба да биде на исто место, а истото треба да го мотивира детето да сака да учи, бидејќи тоа пред се е најважно за него.
Пред учење, важно е детето да е добро одморено и да не биде гладно, односно мислите да му бидат насочени само кон учењето. Мобилниот телефон треба целосно да се отстрани додека учи! Доколку има пообемен материјал за учење, добро е да го комбинира полесниот материјал со потешкиот, а измеѓу да се прават кратки паузи за одмор.
Секое дете си има свој начин на учење. Некои учат на глас, некои во себе, други пишуваат белешки, некои цртаат итн. Важно е само да се најде соодветен метод што ќе биде добар за совладување на материјалот.
Кога ќе се постигнат поставените цели по учењето, детето ќе се чувствува посигурно и помотивирано. Во случај да резултатите не бидат добри, не треба никако да очајуваат туку треба да го разберат сето тоа како дополнителна мотивација да се потрудат малку повеќе за следниот пат да бидат подобри.