Според советите на нутриционистите, училишните ужинки треба да бидат здрави, полни со извори на сите хранливи материи, но и прилагодени на децата и нивните преференции.
Нутриционистката Шарлот Стирлинг-Рид откри што сѐ може да се спакува за детска ужина во училиште.
„Прво, важен е балансот. Треба да има доволно храна да не бидат гладни во текот на денот, треба да има нешто што тие сакаат да го јадат, а сепак да е здраво“, вели таа.
За да внесете доволно јаглехидрати, подгответе им леб од цели зрна, тортиљи, здрави крекери, тестенини, компири, ориз или кускус.
„Комбинирајте храна направена од бело и ‘ржано брашно. Менувајте ја во текот на неделата, за да не јадат иста работа секој ден. Исто така е важно да јадат порција овошје или зеленчук. Излупете го овошјето и исечкајте го на помали парчиња и комбинирајте го со некое јадење – додајте домати во сендвичот или тиквички и моркови во некои од јаглехидратите“, порачува таа.
Протеинот е исто така важен и не, не доаѓа само од месо и риба. Подгответе им јајца во било која форма.
Додаје некој мал јогурт, парчиња сирење или мало тетрапак млеко за да внесете и млечни производи.
И на крај, не заборавајте напивка. Децата брзо дехидрираат, особено кога е топло, затоа внимавајте да ставите шише вода или чај во ранецот. Шарлот исто така советува да избегнувате многу слатки како бисквити и колачи, грицки како чипс и смоки и газирани пијалоци полни со шеќер.