Воспитување

Како да одгледате среќно дете според методите на холандските родители

Рина Меј Акоста е американска писателка со азиско потекло која од Калифорнија се преселила во Холандија, каде што моментално живее со својот сопруг и трите деца. Таа е авторка на успешниот блог за родителство „Запознавање на холандската култура“ и коавтор на книгата „Најсреќните деца на светот“, која покажува како Холанѓаните ги воспитуваат своите деца. Со оглед на тоа што таа е воспитувана во духот на религијата со работна етика на имигрант, холандскиот пристап ѝ се чинел премногу лесен, егоцентричен и мрзлив.

Извештајот од УНИЦЕФ од 2013 година покажува дека холандските деца се најсреќни во светот. Извештајот бил продолжение од истражувањето спроведенo во 2007 година, во кое Холандија првпат е прогласена за главен пример за детскиот просперитет.

Неколку други организации, вклучувајќи ја британската Акциона група за сиромаштија и Светскиот економски форум, исто така ги рангираа холандските деца на високо место кога станува збор за среќата.

Тајните на родителите за одгледување среќни деца

1. Бебињата многу спијат

Во 2013 година истражување на Европскиот магазин за развојна психологија ги испитувало разликите во темпераментот помеѓу американските и холандските бебиња.

– Холандските бебиња се смеат и повеќе сакаат да се гушкаат од децата во Америка – заклучиле истражувачите.

Според истражувањето, релативно мирното однесување на холандските новороденчиња делумно било последица на регулираниот распоред на сон и активности со понизок интензитет. Американските родители знаат да ја нагласат важноста на стимулацијата, овозможувајќи им на децата широк спектар на нови искуства.

Од друга страна, холандските родители се фокусираат на дневните активности дома, давајќи му посебна важност на одморот. Родителите се бескомпромисни во поглед на светоста на сонот. Ако бебињата се одморени, одморени се и родителите. Истражувањето покажало дека Холанѓаните спијат повеќе од кој било друг народ во светот: околу осум часа и 12 минути.

2. Децата поминуваат повеќе време со родителите

Холандската влада во 1996 година на вработените со скратено работно време им гарантирала еднакви права како и на оние со полно работно време и со тоа го отворила патот за поголема рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот.

Културата на скратено работно време е уште една причина зошто луѓето во Холандија се посреќни. Со работни недели од 29 часа, Холандија има најкратка работна недела во светот, според истражување на ОЕЦД спроведено во 2018 година.

Речиси половина од возрасната популација во Холандија работи со скратено работно време. 26,8 отсто од мажите работат помалку од 36 часа неделно, додека 75 отсто од жените работат со скратено работно време – и тоа во сите сектори, од неквалификувани работници до висококвалификувани.

3. Децата чувствуваат помал притисок кога станува збор за училиштето

Од сите родителски одлуки што мораме да ги донесеме, се чини дека изборот на училиштето е една од најважните. Но, во Холандија на школувањето не се гледа како на посетување престижни универзитети, стекнување докторат и слично. Образованието се смета како пат кон благосостојбата на детето и неговиот личен развој.

Постојат два вида холандски квалификации во високото образование. Школувањето е насочено кон истражувања и професионално ориентирани студии. Не ви требаат никакви посебни оценки за да се запишете на повеќето програми – она што е потребно е да ги положите испитите во средно училиште.

– Училиштата тука вложуваат повеќе енергија во мотивацијата отколку во достигнувањата. Постигнувањето е она на кое се фокусираат француските и англиските училишта, но нашето истражување покажува дека социјалните вештини се тие што се важни за среќата  – вели Рут Венховен, професор за среќа на Еразмус Универзитетот во Ротердам.

4. Децата се охрабруваат да го искажат своето мислење

Сите во семејството, вклучувајќи ги и најмладите, имаат свое мислење. Родителството базирано на преговори е исцрпувачко, но со тоа што ќе му дозволите на детето да преговара, го учите како да ги постави своите граници.

Тоа е вештина што на детето ќе му биде потребна кога ќе порасне, без разлика со што ќе се соочува во иднина.

Секако, постојат правила. Како родители, важно е на детето да му го кажете вашиот став и да го известите зошто треба рано да си легне.

5. Децата јадат чоколадо за појадок

Седењето на маса со целото семејство, особено наутро, е рутина што во суштина го дефинира животот на холандското семејство. Пред кој било оброк семејството не почнува да јаде додека сите, вклучувајќи ги и децата, не седнат на маса. Тоа е знак на почит. Секоја личност е важна.

Според извештајот на УНИЦЕФ, 85 отсто од холандските деца (на возраст од 11 до 15 години) што биле анкетирани изјавиле дека појадуваат со семејствата секој ден. Појадокот не само што е поврзан со подобри перформанси на училиште, туку и истражувањето покажа дека поттикнува поврзување во самото семејство, а се поттикнува и здрав развој на идентитетот.

6. Децата се поттикнуваат да возат велосипед

Холанѓаните не се големи обожаватели на автомобилот. Поради рамниот терен и велосипедските патеки, велосипедите се најпрактичниот и најефикасниот начин на патување.

Во Холандија често врне дожд, зимите се студени, а ветровите силни. Иако таквото време не е идеално за возење велосипед, Холанѓаните едноставно се облекуваат во топла облека, водоотпорни капути и чизми за дожд.

Возењето велосипед по сите временски услови всушност е дел од формирањето карактер. На тој начин децата учат дека животот не е секогаш исполнет само со сонце и виножито. Учат да се соочуваат со дождот. Учат да не се откажуваат. Возењето велосипед до училиште без оглед на временските услови ги учи децата на отпорност, а дефинитивно постои врска помеѓу отпорноста и среќата.

Тагови

Поврзани вести