Совети

Едукативни стратегии за поттикнување на позитивно однесување кај децата

Родителите можат многу да придонесат во поттикнувањето на позитивно однесување кај децата. Затоа треба да им посветат внимание на најмалите, да се обидат да ги разберат и да им го дадат потребниот совет кој ќе насочи кон правилно размислување и практикување на работите.

Посветете им го на децата потребното внимание

Зајакнете ја вашата врска со вашето дете посветувајќи поголемо внимание на неговите зборови и дела. На овој начин, на детето јасно му се покажува дека се важни неговото мислење и неговите постапки. Генерално, ова придонесува за градење на неговата самодоверба.

Кога детето прави нешто добро – забележете го тоа и охрабрете го да го повтори пак

Опишете што е добро направено, и посочете му дека ви се допаѓа. Пофалбите можат ја поттикнат самодовербата и позитивно да влијаат врз понатамошното добро однесување на детето.

Кога детето ќе биде пофалено за добро однесување, голема е веројатноста дека тоа ќе се однесува добро и во иднина. Од друга страна, охрабрувањето е пофалба што се однесува на вложениот труд на детето. Со самото тоа што сте го пофалиле неговиот напор за направеното, го охрабрувате детето да се потруди уште повеќе во ситуациите кои ќе доаѓаат последователно.

Честопати, родителите повеќе се фокусираат на крајниот резултат на активностите на нивните деца, отколку на самиот процес. Но, убаво е да се знае дека добри крајни резултати може да се очекуваат само доколку се посвети дополнително внимание на напорите на децата насочени кон стекнување вештина или постигнување на посакуваната цел.

Подгответе го вашето дете за предизвикувачките ситуации во кое може да се најде

Доколку родителите проценат дека во некои предизвикувачки ситуации кај детето може да се појави непосакувано однесување, подготовката за истите може да ги ублажи последиците.

Објаснете му на детето однапред што се очекува од него и обидете се да го поттикнете неговиот позитивен став.

Како да им помогнете на вашите деца да се стекнат со нови вештини и знаења?

Прво, дајте му ги на детето потребните упатства. Тие треба да бидат јасни, разбирливи и прилагодени на детските способности.

Исто така, покажувањето на одредена постапка може да има ефект – гледајќи ги возрасните, децата учат. Некои од вештините бараат повеќе трпеливост и повторување, што не треба да ги обесхрабрува ниту родителите ниту децата.

Без физичко казнување

Во замена за физичко казнување, се препорачуваат следниве пристапи:

Објаснете му на детето каде погрешило – пристапете со разбирање и обидете се да му објасните што од направеното не е во ред. Овој пристап со сигурност ќе има поголем ефект отколку физичкото казнување.

Доколку сте под влијание на силни чувства, и чувствувате дека ќе има излив на гнев кон детето – тргнете го детето, обидете се да се смирите, па потоа разговарајте со него.

Тагови

Поврзани вести