Не е необично тинејџерите во еден момент, на пример, да се смеат, а во друг да превртуваат со очите или да имаат напади на бес. Тоа се случува од повеќе причини – физички, емоционални, социјални и психолошки – а не од една посебна причина и често не може да се утврди точниот причинител на нивните емоционални подеми и падови. Промените во расположението во текот на адолесценцијата делумно се последица на биологијата.
Хормонските промени што се случуваат во пубертетот играат главна улога во начинот на кој тинејџерите размислуваат и се чувствуваат, па оттаму и зголемената раздразливост, интензивна тага и често чувство на фрустрација. Мозокот се развива интензивно до 20-тите години, а делот од мозокот кој е поврзан со регулирање и контролата на емоциите се развива последен, па оттаму доаѓа и до послаба самоконтрола во изразувањето на чувствата.
Стремежот на тинејџерите да го утврдат својот идентитет, исто така, игра улога во нивното расположение. Додека се обидуваат да се осамостојат, воспоставуваат свои верувања, цели и животен пат, доживуваат некој внатрешен немир кој некогаш се манифестира како драматично однесување. Може да се чувствуваат тажно, исплашено и осамено заради иднината, а истовремено и возбудено заради освојување на сè поголема слобода. Во оваа развојна фаза нормално е младата личност да „живее во својата глава“ и да е зафатена со интензивно размислување за предизвиците како што се пријателствата, љубовните врски и семејните односи. Неизвесноста на овие полиња може да биде многу стресна и тој стрес влијае врз расположението на адолесцентите.
Соочувањето со овие промени во животот, па и промените во расположението, кај некои тинејџери е полесно бидејќи сите се различни и посебни.
Како можат да помогнат родителите?
Возрасните можат да се поистоветуваат со овие емоционални подеми и падови. Сите сме биле тинејџери и сме се соочувале со различни и спротивни чувства. Со тоа не сме застанале по адолесценцијата – хормоните и понатаму влијаат врз чувствата и однесување и кај жените и кај мажите.
Важно е да се има на ум дека променливите чувства и однесувања се нормални за сите тинејџери од овој свет. Не можеме да спречиме тинејџерот да се чувствува и однесува така, но не треба ни да заборавиме дека секој тинејџер е многу повеќе од своето однесување – секој има свои особини, таленти, способности што треба да се почитуваат, прифаќаат и сакаат. Постојат многу начини на кои родителите можат да му помогнат на својот тинејџер во управувањето со емоционалното однесување и однесувањето во однос на животните подеми и падови.
-
- Бидете тука за својот тинејџер. Постојат моменти кога на сите ни треба малку простор, па треба и на тинејџерот да му се даде таа приватност. Во своите провокативни моменти наместо да паднете во искушение и да изреагирате на ист начин како и вашето дете (на пример, со викање, повишување на гласот, употреба на иронија…) и со тоа да ја влошите ситуацијата и да го нарушите односот, вие покажете трпение и разбирање. Во секој момент дајте му до знаење на тинејџерот дека сте тука за него, кога и да му затреба нешто. Кога ќе ви се обрати, активно слушајте го, пред сè.
- Дајте му на адолесцентот и љубов и граници. Одговарајте мирно, но одлучно и држете го својот тинејџер и себеси одговорни за (не) почитување на правилата и договорите. Најдете време за заеднички пријатни активности, прегрнувајте го и кажувајте му дека го сакате (љубовта не се подразбира за дете, дури и ако верувате дека сте му покажале дека го сакате или дека детето сигурно знае оти е сакано).
- Помогнете му на тинејџерот да ги препознае сите свои чувства и како тие се менуваат. Полесно е да се справите со непријатните чувства или непријатното менување на емоциите кога ќе разберете што (ни) се случува.
- Покажете му на тинејџерот како да се справи со емоциите. Пред сè, оние стратегии кои вашето дете гледа дека ги користите за надминување на проблемите влијаат врз изборот на сопствените стратегии (родителите и натаму се најважни модели за децата). Некои од можните предлог-стратегии се: одбројување до 10 додека се смири тинејџерот, прошетка, слушање музика… некои активности што го интересираат (спортски, креативни). Исто така, вложувањето време и енергија во развивање вештини за решавањето на проблемите на вашето дете носи порака дека го цените трудот на детето и го охрабрувате да донесе одлуки кои ќе влијаат врз неговиот живот, а кога адолесцентот чувствува дека решението дошло од него, поверојатно е дека ќе го примени.
- Поттикнување здрави животни навики кај тинејџерите е нешто што не е помалку важно од сето наведено. Се смета дека на тинејџерите им треба повеќе сон отколку кога биле помали (околу 8 до 10 часа секоја ноќ), па ненаспаните тинејџери имаат повеќе тешкотии во регулирањето на емоциите. Здравата исхрана е вториот начин на кој тие можат природно да се борат против промените во расположението – редовно појадување, здрави ужини и оброци, умерени количини на шеќер и кофеин – помагаат во регулирањето на нивото на шеќер во крвта и добивање доволно хранливи материи за функционирање на мозокот. Физичкото вежбање е исто така природен стимуланс за расположението и може да ги подобри промените во расположението благодарение на „хормоните на среќа“ кои ги поттикнува да се лачат (доволно е барем 20 минути вежбање на дневна основа).
Кога ситуацијата станува сериозна?
Поголемиот дел од тие брзи и интензивни промени на расположението се нормален дел од адолесценцијата и фази во понатамошниот развој. Меѓутоа, промените на расположението понекогаш можат да бидат знак за поголем проблем на тинејџерите. Ако забележите дека вашиот тинејџер е нерасположен две или повеќе недели или ако забележите дека расположението го спречува да ги извршува своите вообичаени дневни обврски и се повлекува од активностите што обично многу ги сака, или пак, ако не може да ги задржи пријателите бидејќи промените на расположението му се сериозни – тоа би можело да биде знак за сериозен проблем со менталното здравје.
Статистиката покажува дека депресијата и анксиозноста се многу чести проблеми кои обично се јавуваат во текот на адолесценцијата. Можат да бидат од различен облик и интензитет, но секако може да се надминат со стручна помош. Затоа не двоумете се да се обратите на психолог, психијатар, психотерапевт или, за почеток, на општ лекар кој може да ве упати на вистинската адреса. Тоа не ве прави слаби ниту вас, како родител, ниту детето – напротив, зборува за вашата свесност, храброст и сила да се изборите со проблемот во корист на среќата на вашето дете, за вас и целото семејство.