Бебе

Поттикнете развојот на креативноста кај вашето бебе

За да ја поттикнете креативноста кај бебето не ви се потребни скапи играчки, ниту специјални апликации. Вашето бебе е совршено опремено со се што му треба за да се развие неговата креативност, тоа се неговите природни креативни инстикти и вие. За бебето ништо не влијае толку стимулирачки врз неговата креативност од играта со родителите.

Играта со бебето е цврст темел за идниот раст и развој на мозокот. Бебињата учат преку вклучување на нивните сетила, овозможете им да истражуваат преку нив. Тие истражувањето го доживуваат како нешто забавно и тоа им помага подоцна да станат покреативни. Еве неколку едноставни начини како да ја зголемите креативноста кај вашето бебе:

Играјте си на негов начин

Дозволете реакциите на бебето да ја диктираат играта. Ако бебето се смее, гуга или се кикоти овозможете му повеќе од активноста во која ужива. Кога бебињата се забавуваат тогаш тие се во оној прозор на креативност и учење. Но не претерувајте и следете ги неговите реакции, ако ја сврти главата или го набрчка челото на бебето му е потребен одмор.

Мултисензорна детска соба

Декорацијата на собата на бебето направете ја поразлична, не мора да ги следите традиционалните пастелни бои. Бебињата не разликуваат бои се до 4-6 месеци старост. Одберете црно – бели линии или други светлно – темни контрасни дезени. Истражувањата покажуваат дека мозокот на бебињата добива најсилни визуелни сигнали кога бебето гледа во црно – бел констраст, а овие сигнали ја подобруваат моќта на мозокот. За да му помогнете на сетилото за допир користете свилени и меки, плишани текстури.

Играјте со изрази на лицето

Најдобра играчка за бебето е човечкото лице. Можете да си играте така што со вашето лице ќе го имитирате изразот на лицето на бебето, со тоа што ќе направите приближен израз како него, но на преувеличен начин. Осигурете се дека сте доволно блиску, бебињата гледаат на растојание од 20-25 см. Ако бебето го свртува погледот на друга страна или ако го извиткува грбчето за време на играта тоа е индикација дека е престимулирано и дека му е потребна пауза.

Експериментирајте со музика

Можеби вие не мислите дека сте музикални, но вашиот глас е вистинска музика за вашето бебе. За да ја стимулирате креативноста кај вашето бебе пејте му ги омилените песнички и менувајте ја висината на тонот за да видите како ќе реагира на изненадувањето. Повеќето бебиња сакаат класична музика, но ако вашето бебе не сака најдете некоја друга во која ќе ужива. Секогаш нека ве водат позитивните реакции на бебето. Ако бебето ја подига главата или ги врти очите кон вас тоа значи дека му се допаѓа вашиот избор.

Обезбедете време за истражување

Родителите се зафатени, но времето поминато со бебето е најголемиот дар кој можете да му го подарите ако сакате да се развие неговата креативност. Секој ден одвојте по еден час кога бебето е будно за да учествувате во истражување заедно со него. Соберете предмети со различна текстура, боја и звуци и дозволете да одбере што ќе го заинтригира. Со следење на неговата природна љубопитност и интереси ќе му помогнете да ја развие креативноста и фантазијата.

На крај, уживајте во играта заедно со него. Секој ден ќе носи нови изненадувања.

Тагови

Поврзани вести